05/21/2026
ЗА ИКОНАТА
ВОЗНЕСЕНИЕ ХРИСТОВО
Круговите во горниот дел го претставуваат Небото. Христос седи и благословува, а во другата рака држи свиток (Словото што го проповедал). Облеката на Христос е светла/златна (како и на иконите на Воскресението и Преображението), а тоа ја претставува Неговата преобразена и обожена човечка природа, која веќе не е подложна на физичките закони.
Облеката на двата ангела околу Него е како облеката на апостолите, а оние два ангела долу се со бела облека. Горните ангели се сведоци на Страдањето и тие покажуваат дека, иако Христос се вознесува на Небото, тој со себе ги носи и белезите на Распнувањето.
Човечката природа, претставена со црвената облека на ангелите што Го носат Исуса – отсега е на Небото. Додека Божјата природа, претставена со белата облека на долните ангелие – отсега е на земјата. На тој начин, оваа икона го прикажува единството на несоздадената и создадената природа што се случило во Личноста на Христос.
Маслиновите дрвја како да ја делат иконата на два дела: Небо и земја. Долу е Мајката Божја со апостолите: таа претставена вака ја претставува Црквата. Околу неа има 12 апостоли (но нели Јуда во тоа време веќе се обесил, а Матиј како замена сè уште не бил избран). Тука е претставен Павле, ама знаеме дека тој дури подоцна станува апостол; тој не Го видел Христа за време на Неговиот живот. Зар не е историска грешка, би рекле. Но, станува збор за тоа дека иконата има есхатолошка смисла. Претставувањето на Павле покажува дека визијата на Црквата не е временска визија: заедницата во верата во Царството на Бога, благодарение на Светиот Дух, ги надминува границите на просторот и времето на овој свет. Евангелските настани со Христос имаат значење за секој член на Црквата, зашто ние всушност на еден мистичен начин сме учесници во сето она што Христос го извршил. Ние не си споменуваме едноставно за некои историски настани, туку ние учествуваме во тие настани.
Облеката на апостолите е зелена и црвена. Зелената боја е боја на надежта и на Светиот Дух. На иконата на Троица од преподобниот Андреј Рубљов, ангелот што Го претставува Светиот Дух е облечен во зелено. Црвената боја не е само символ на земјата и крвта, туку и на љубовта.
Иконата како да е поделена двојно. Еднаш со дрвјата, хоризонтално, а вторпат со Мајката Божја, вертикално, како да се прави крст. Небото и земјата се соединети преку Мајката Божја и Нејзиниот Син при што прават крст.
Но, не треба премногу да ја анализираме иконата, да не дојдеме во ситуација да мислиме дека таа само нешто симболично кажува и да заборавиме да ја почитуваме. Според православниот духовен опит, иконата ја претставува преобразената реалност, во која ние литургиски и мистично стануваме учесници.
Според евангелските сведоштва, Христос благословувал додека се вознесувал, кревајќи ги рацете. Можно е тој да благословувал, како што било обичај во Стариот завет од страна на свештениците, со изобразување на буквата шин(шалом – мир).
„Колку чудно дејствие – вели св. Филарет Московски за ова. Господ благословува и сè уште не го завршува благословувањето, туку продолжува да благословува, вознесувајќи се притоа на небото. Што значи тоа? Тоа, дека Тој не сака да го прекрати Својот благослов, туку продолжува без крај да ја благословува Својата Црква и сите верни во Него.
Да помислиме, браќа, дека и сега над нас се распространети Неговите раце и Неговото благословение. Каков срам и страв за оние што во светската суета Го забораваат Него. А каква ли радост за оние што Го љубат.“
Апостолите си заминале со радост, бидејќи со своите очи ја виделе славата на Својот Господ и Учител и го очекувале исполнувањето на Неговото ветување за Духот. Исто така, Христос им ветил (а тоа се однесува и нам): Ете, Јас Сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот