26/04/2026
26 април 2026
НЕДЕЛА НА МИРОНОСИЦИТЕ
Света Архиерејска Литургија
Радосно објавуваме дека денес во Неделата на Мироносиците, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Австралиски и Новозеландски г. Никола служеше света Архиерејска Литургија во храмот на светиот Димитриј Солунски во Спрингваел. На Литургијата зедоа учество голем број верни и многумина се причестија со светите Тело и Крв Христови.
Архиерејот произнесе продуховено слово од коешто најсилно одекнаа суштински зборови за спасоносното значење на светата Литургија, имено, дека таа никогаш не го претставува минатото, туку иднината, во Царството Божјо во заедница со Бога. Владиката говореше и за светите Мироносици кои постанаа образец на вистинското тивко, незабележливо од очите на јавноста, и вистинско служење коешто особено во нашево време е насушно потребно. Пораката е јасна затоа што ние како да се научивме за се што правиме пред Господа и јавно да го објавуваме. Со оваа објава го правиме и ние истото сметајќи и оправдувајќи се себеси дека нашата цел е поинаква - токму оваа поука на Владиката да биде слушната и научена, пак, во иднина, и ние тивко и богоугодно да Му служиме на Бога, слично како Мироносиците. Како и да е, нашата радост собрани околу својот Владика беше премногу голема за да не го споделиме овој настан со сите вас.
За многу Години!
Христос Воскресна!